Веќе никој не се сомнева дека економијата станала едно од клучните полиња на дипломатската активност и јавната дипломатија на внатрешен план. Колку сме го сфатиле духот на новото време? Што може да се направи за поголем интерес на странските директни инвестиции? Што ние можеме да им понудиме? Дали умееме да ги користиме сите шанси? Ова се прашања на кои ќе се обидеме да дадеме одговор низ примерот на активноста на Холандско-македонската стопанска комора формирана во 2012 година.
[caption id="attachment_73151" align="alignleft" width="318"] Александар Ружин Надворешен соработник при кабинетот на премиерот Зоран Заев за економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс и Франција[/caption]
Во 1997 Државниот подсекретар за Финансии на САД Лари Самерс, кого неделникот The Economist го прогласи за “новиот модерен Кисинџер“ порача дека “со јакнењето на глобализацијата расте значењето на економскиот домен. Економската дипломатија се повеќе ќе ја истиснува класичната дипломатија. Слично ќе биде и со јавната економска дипломатија на домашен терен. САД ќе мораат да се прилагодуваат кон таквиот тренд“. Овој принцип важи и за јавната економска дипломатија која се води на домашен план во функција на стимулирање на станските претприемачи. Со слична констатација излезе и британскиот Foreign Office, кој ја пренасочи сопствената стратегија во насока на јакнење на економскиот корпус како во амбасадите така и на домашен план со цел да ги стимулира и им олесни на странските вложувачи да се снајдат на островото.
Иницијатива на Амбасадорката Симоне Филипини
Во Република Северна Македонија, не можеме да се пофалиме со некоја поразвиена јавна економска дипломатска активност на внатрешен план, но понекогаш иницијативите на странските амбасади како што беше онаа на Кралството Холандија во времето на амбасадорката Симоне Филипини во 2011 заслужуваат целоснo внимание и поддршка.
Иницијативата за основање на Холандско-македонската стопанска комора беше објавена на Бизнис Мрежата Евент (Business Network Event), која се одржа на 24 февруари 2011 година во Скопје. Четири холандски претприемачи: Пол Хуттујзен (Paul Houthuijzen), Боб Смит (Bob Smit), Адријан ван дер Флиер (Andriaan van der Filer) и Вим Вестен (Wim Westen) формираа Фондација со цел да се олесни конституирањето на Стопанската Холандско-македонска комора согласно законските одредби на тогашна Република Македонија, денес РСМ.
Поранешната Амбасадорка на Кралството Холандија во нашата држава, Г-ѓа Симоне Филипини, во тој период оправдано го носеше ореолот на најактивниот амбасадор од државите на ЕУ во Скопје. Овој скромен дипломат со голем ентузијазам оправдано ја истакнуваше потребата од засилена промоција и поддршка на холандско-македонските деловни односи. Во периодот на големата економска и финансиска криза во регионот која најмногу се почуствува во соседна Грција, Амбасадорката Симоне ги охрабри четирите иницијатори да ги здружат силите и ја конституираат холандско-македонската комора.
Иницијалната рамка за конституирање на Комората, беше основањето на мешовитата Фондација во мај 2010 година. Оваа институција ги акумулира стечените знаења на 50 годишното искуство во деловното работење во поранешна Југославија и Македонија. Фондацијата во краток рок ги утврди правната рамка на Комората, подзаконските акти, буџетот и начинот на работа. На почетокот на 2011 година, по неколкумесечните подготовки иницијаторите се договорија со педесетина иницијални членови-основачи да се конституира новата комора согласно македонското законодавство. До крајот на 2011 година овој процес беше финализиран со одржувањето на Генералното собрание на Холандско-македонската стопанска комора во јануари 2012. Со регистрацијата во Централниот регистар конечно беше и законски заокружена Холандско-Македонската Комора на 27 април 2012. Комората ја започна својата активност во рамките на канцеларија на Амбасадата на Холандија во Скопје.
Позначајни холандски инвеститори
Во Република Северна Македонијафигурираат 22 позначајни холандски инвеститори. Меѓутоа доколку настојуваме да ја користиме општата статистика, истата не може да се користи без сериозно филтрирање и преработување на податоците и тоа од неколку причини. Евидентно е дека големите инвестиции според статистичките податоци се од холандска провиненција, иако реалноста не е таква со оглед дека од даночни причини, инвеститорите од трети земји ги канализираат своите инвестиции преку Холандија. Примери за таквата дијалогика се Лукоил и Мермерен Комбинат Прилеп. Од друга страна во оваа статистичка групација се наоѓа и Хајнекен, кој првично ја купи Скопска Пивара преку своето грчко заедничко вложување со Кока Кола.
Во поглед на содржината на инфографот доставен од страна на Комората, може да се констатираат следниве елементи. Сите податоци биле обезбедени директно од страна на посочените компании. Податоците за инвестициите на компаниите се групирани според регионалната припадност и тоа: 5,7 милиони евра во текстилниот домен каде се наоѓаат 5 компании од Штип и Кочани. Во Скопје во доменот на агрохраната се регистрирани инвестиции во износ од 40 милиони евра што представува релативно голема инвестиција на Пивара-Скопје, независно што Хајнекен ја дели Пиварата со Кока Кола. Скопска Пивара објави и податоци во доменот на индирекното вработување, што со исклучок на подизведителите од доменот на текстилната индустрија, е единствен случај на индиректно вработување.
Големо учеството на трудот за сметка на технологијата
Интересно е да се анализираат некои параметри за холандските инвеститори во РСМ. Со исклучок на Хајнекен, сите холандски инвеститори во РСМ се мали и средни претпријатија, кои во Холандија не и се познати на тамошната поширока јавност. Холандските инвеститори се најактивни во трудоинтензивните сектори пред се во текстилната индустрија и во земјоделскиот сектор. Во последно време расте и интересот за инвестирање во доменот на Информациските и комуникациските технологии за развој и Бизнис Процес Аутсорсинг. Познато е дека природата на работата во ИКТ / аутсорсингот е сосема различна од трудовата природа во доменот на текстилот и земјоделството, каде доминира манифактурната физичка трудова работа.
Кога е во прашање мотивот на холандските инвеститори да инвестираат во Република Северна Македонија, нивниот одговор според податоците на Комората најчесто е привлекуван од евтината работна рака, квалитетната понуда на работна сила во ИКТ но и од носталгичните желби на вработени или некогашни сезонски работници во Холандија со македонско потекло кои сакаат да успеат во некогашната татковина. Еден друг дел инвеститори имаат искуства и долгорочни трговски пракси со регионот и со РСМ, некои од нив се убедиле врз основа “позитивниот допрен глас“ и на препораки од нивни блиски пријатели кои веќе имале деловен однос со македонското стопанство или се резултат на емотивни врски, мешовити бракови и слично.
Што ни недостасува и што треба да правиме ?
Јавната дипломатија е вид активност со чија помош се запознаваат странските субјекти во државата и странство за капацитетите на државата домаќин во бројните домени на интерес пред се во доменот на странското инвестирање. РСМ е малечка и сиромашна држава, но како државата така и нашата бизнис заедница е должна да обрне поголемо внимание врз промоција на стопанските и останатите погодности на државата во функција на инвестиции од Холандија.
Познато е дека Холанѓаните се еден вид современи номади кои патуваат и се активни низ целиот свет. Холандија е трет по големина странски инвеститор во САД, меѓу најголемите инвеститори во државите на ЕУ и во голем број држави кои се со економски растечки тренд вон Европа. На тој начин се објаснува и голема понуда на услуги од страна на холандски и странски владини и приватни организации за да ги информираат холандските компании за инвестирање на друго место, а во нашиот случај и во Република Северна Македонија. И покрај многуте напори во изминатата деценија да се привлечат холандските инвеститори, ниту еден од актуелните холандски инвеститори не дојде преку тој канал - или барем не без иницијален интерес врз основа на постојните приватни односи. Холанѓаните едноставно се гладни за внимание и настојуваат да им се оддава целосно внимание во светски рамки.
Јасно е дека големите холандски компании најчесто се мултинационални компании со свои одделенија за истражување на можностите за инвестирање. Најпластичен пример за тоа е Хајнекен кој не требаше да се убедува за да ја купи Пивара, со оглед дека неговите планери претходно детално ја проучиле исплатливоста на Скопска Пивара. Меѓутоа во таква ситуација не се малите и средни претпријатија. Тие не поседуваат истражувачки тимови, немаат време да трчаат по семинари за "информирање каде да го насочуваат бизнисот“ , и затоа се хендикепирани околу “почетениот интерес“ за инвестирање.
Имајќи ги предвид овие пропусти можеби е неопходно да се задржиме на најмалку два наратива врз кои треба да се фокусира РСМ како држава и како бизнис-заедница: Пред се неопходно и натаму постојано да се зајакнува мрежата за консултирање, маркетинг, лобирање, информирање и привлекување на холандските претприемачи и инвеститори. Во оваа насока треба да и се оддаде признание на Холандската Комора која во текот на 7 години од своето постоење воспостави многу тесна мрежа помеѓу холандските инвеститори и нивните локални партнери. Тие заемно воспоставија солидни контакти и доверба, испраќаат конкретни прашања до Комората, прифаќаат совети и мислења, работат заедно, ги информираат своите пријатели и ги претставуваат на другите во мрежата.
Вториот наратив се однесува на создавањето пријателска атмосфера на доверба, пријателство и сигурност на странскиот капитал во РСМ. Комората според зборовите на извршниот директор Боб Смит (Bob Smit) создаде пријателска деловна клима со повратни информации за задоволството на инвеститорите, партнерите односно вработените. Одредени слабости кои им се иманентни на државите во транзиција како РСМ често создаваат сомнежи кај инвеститорите во доменот на законодавството. Комората помага околу толкувањето и предвидливоста на законодавство и тоа во најбрз временски интервал. Понекогаш инвеститорите се соочувале со правни толкувања на прописите на поединечните државни службеници кои не се најпрецизни во нивните мислења. Комората ги подучува инвеститорите да не бидат злоупотребувани од страна на банките, ниту заплашувани од страна на секакви владини контроли. Сметаат дека е неопходно де се зајакне локалната администрација за поефикасно постапување во однос на долгите постапки за добивање градежно земјиште во едношалтерски систем и постојано да се подобрува системот на средното стручно образование.
↧