Quantcast
Channel: КАПИТАЛ »Коментари и анализи
Viewing all articles
Browse latest Browse all 77

Космодиск помирување

$
0
0

Kate-kolumna-glavna-604x270

Поранешниот претседател Иванов за македонската велеше дека е „космодиск демократија“ - демек изгледа шашаво, ама функционира. Епа исто такво ни е и помирувањето, изгледа шашаво и навистина функционира, ама само за оние чии грбови можат да легнат пред сечии нозе, само не на затворски душек. 
А народот? И народот ќе почне да се помирува, откако прво ќе си го извади секое око, за секој заб...
 
Дај му прст, ќе ти земе цела рака - стара македонска поговорка
 
Катерина Синадиновска
Kate-kolumna-za-vnatre-e1556018422761
Во сенката на културно - спортските збиднувања и на состанокот на Североатлантскиот совет во Скопје, а на битката за датум во Брисел, помина интервјуто на Александар Николоски дадено за Радио Слободна Европа викендот. Потпретседателот на групацијата наречена најголема опозициска партија ова свое јавно појавување го искористи за да наметне теза виза ви култниот поим на македонската политичка сцена - помирување, теза што може да го отслика правецот во којшто и потезите на неговите партиски ортаци, ама и целокупните политички процеси би можеле да се развиваат во блиската иднина.
„Помирувањето го замислуваат на начин што сакаат да испреговараат со ВМРО-ДПМНЕ амнестија за Зоран Заев, неговото семејство и останатите во однос на гонење по криминалите што ги имаат правено во изминатиот период. Ако така го замислуваат помирувањето, помирување нема да има“ вели функционерот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски и додава: „Многу интересно зошто сега СДСМ го иницира ова помирување, првпат зборуваат за помирување. Според нашите сознанија, првпат го кажувам ова во јавност, идејата за помирувањето дошла по завршувањето на претседателските избори, затоа што е извесно дека ќе ги изгубат следните парламентарни избори и помирувањето го замислуваат на начин што сакаат да испреговараат со ВМРО-ДПМНЕ амнестија за Зоран Заев, неговото семејство и останатите во однос на гонење по криминалите од овој период“.
Ако не се прочита чија е изјавата и ако не се забележи на прва името на премиерот овој реченичен редослед во квалитатив комотно може да му се препише и лично на Заев, или во најмала мерка на неговите главни соработници. Пред само неколку месеци, на пример, вицепремиерката Радмила Шеќеринска изјавила: „Цела година сме под постојан притисок од барањето за амнестија. Рековме дека за сѐ може да разговараме, само не за амнестија. Во многу ситуации сакавме да разговараме, да се договориме за конструктивни работи, но ако немаме договор, мора да одиме на избори.“
Прилично интересно, не?
Малкумината преостанати во земјава со нормална меморија и со критички капацитет што умее да детектира грешки на власта без да се заборави на катастрофата содржана во политичкото делување токму на „александровата“ партиска дружина, ќе речат дека самиот факт што на Николовски му е дозволено (во рамките на моралот, елементарното воспитување и достоинство) да зборува со потсмев за некакви преговори за амнестија е рамен на лудило.
Но, дури и ним брзо им станува јасно дека ова е земја во којашто со должно внимание медиумски се следи секој чекор, од фб анализа до лирски трепет на осудениот криминалец, а почесен претседател на истото друштво, понатаму, земја во којашто осомничени почесто се гледаат на спортски натпревари отколку во судница и конечно земја во којашто целата енергија се насочи за да се формира Специјално обвинителство за подоцна еднакви килоџули да се потрошат за истото да се уништи. Оттука, појавувањето на Николовски и дрскоста да зборува за помирување е во најмала мерка предвидливо.
Е сега, околу она што Николоски го кажал, а со кое наративот во македонската политика го врти за 180 степени во слика во која внимавајте сега - СДСМ и Заев се оние кои молат за амнестија. Дали сте свесни која е оваа приказна? И колку со секој ваков јавен став и негова афирмација сме чекор подалеку од она клучното ветување на власта - дека ќе лежат и парите ќе ги вратат!?
 Парите јасно е дека не ги враќаат, да лежат немаат намера, а како што гледаме откако го искористија бојкотот за да избегаат од правдата, не само што на претседателските избори како „попчиња“ обезбедија цензус туку сега одат во Брисел па во полн сјај на својата конструктивност итно бараат датум за преговори, оти земјата била поважна од лошите политики на Заев. Каква пародија!
Ние не можеме да знаеме дали Николовски лаже кога вели дека во меѓупартиските шепотења премиерот Зоран Заев го уценувал целиот процес на помирување со наводен пазар за сопствената слобода. Но, со сигурност знаеме дека Николовски лаже кога вели дека власта од неодамна почнала да го споменува помирувањето, а со тоа се открива и заднината на вистинските намери.
Да не одиме многу далеку, низ текот на целиот процес на амнестија нагалено наречен помирување што ни се одвиваше пред очи во името на поголемата цел, помирувањето токму власта не го вадеше од уста како клучен политички проект кон којшто мора да се насочи целата енергија. Еднаква реторика имаа и главните амбасади порачувајќи дека поларизацијата во општеството е толку присутна, ја разјадува државата и државноста и мора да се инвестира во процес на помирување.
Но, ајде и да одиме малку подалеку. Ако Николовски лаже, или ако Николовски заборавил, хартијата помни. Пред точно една година на овие страници сум напишала колумна со наслов „Нема да поминете со извинување“ прилично шокирана од дрскоста со којашто токму лидерот на Николоски,господинот Мицковски (сумирано) кажал дека „неговата партија правела грешки, што правела, тој се извинува и ајде сега никому ништо, да си ја тераме политиката.“ Притоа, сум потсетила дека само десетина дена претходно, токму СДСМ побарала од Мицкоски јавно да се извини за „злоделата на ДПМНЕ“, исто шокирана што СДСМ бара извинувања наместо одговорност.
Што значи ова? Многу просто – цела година се инвестира во клучната политичка операција. Наречете ја помирување, амнестија, неказнивост, заборав или прошка... Наречете ја како сакате, ама после година дена откако терминот помирување го виде светлото на денот и стотици извинувања побарани и понудени подоцна, изјави за тоа кој уценува, а кој се згрозува од неказнивост -  еве не' кај сме –  со една нога во НАТО, на чекор до ЕУ и веќе внатре во бездната во којашто жртвата  што општеството ја даде е сосема јасна.
Притоа, она што останува да биде најголема болка е што токму помилуваните, токму оние што државата ја ставија во заложништво на својот кукавичлук и бегство од правдата, продолжуваат да креираат омраза и поделба на народот. Безобразниците не штедат можности, дали е културен или спортски настан, дали е политички процес, тие и нивните медиумски следбеници се крајно агресивни во намерата никогаш да не се помириме. И токму затоа, свесни за овие карактерни особености на ваквите политички инсталации, нејасно остана која беше и која е математиката (нека е и во геополитичка равенка) според која требаше да се добие резултат во која амнестираните и регресивни сили нема да стивнат, а напротив, ќе добијат моќ во дополнителните разединувања, окуражени од фактот што за македонската правда се недопирливи.
Ќе завршам така како што сум завршила и лани, кога се насетил правецот во којшто ќе се развиваат активностите на органите на прогонот и на оние со терезијата во раце, објаснувајќи зошто македонското помирување никогаш нема да се случи без да биде обезбеден условот на одговорност и зошто на секој државен или национален успех на површина ќе испливуваат плодовите од квазипатриотските инвестиции:
Македонија не може да поднесе повеќе извинувања во овој момент.  Помирувањето е прашање на морал, на етика, на емоција, тоа е веќе во доменот на метафизиката, ако сакате. Секако е прашање кое е легитимно и секако дека еден ден ќе мора и него да го отвориме, тогаш кога ќе дојде на ред помирувањето, ама она вистинското, искреното, а не изнудено. Дотогаш, првенствено власта треба да се фокусира на тоа да биде задоволена егзактната наука преточена во правото и математиката на украденото. Се спротивно не е само губење време во процесот на македонското заздравување, туку е и активно негово пролонгирање. Добиваат оние кои ќе кажат „извини, а губат како и обично — граѓаните… ако извинат!“ (04.05.2018. „Капитал“)
Наздравје!

Viewing all articles
Browse latest Browse all 77

Trending Articles