![Katarina kolumna]()
Со метењето на ѓубрето од една во друга соба, само излегоа на површина сите дупки на темелите од кои најстрашна не е онаа од каде ѕиркаат вмровските хиени што чекаат „нова сезона на лов“, туку онаа што ја отсликува бесмисленоста на постоењето на државата во суштина, исплакната од нејзината основна цел – да гарантира систем, одговорност и правда. Срамота!
Катерина Синадиновска
„Не можам да одам во затвор, имам работа“, Сеад Кочан, бизнисмен, осуден криминалец, херој на македонската денешница
Гледајќи го расплетот на клучните правни процеси во земјава се наметнува само едно и единствено логично прашање – зошто ли забога бегаше Никола Груевски?
Зарем требаше поранешниот премиер да поминува низ голгота составена од автомобилски багажници, странски служби и граници, зарем мораше да се откине од родната грутка, семејството и од 400 те илјади „војници“, зарем му долкуваше да биде сликан како крие лисици и очи насолзени?
Груевски, од денешна перспектива, има само една вина – или кутриот сам направи погрешна проценка, или некој намерно го прелажа, дека во Македонија ќе завладее правото и ќе има казни за сите што ја ограбија земјата. Искрениот поранешен премиер веднаш си се пронајде во групата ограбувачи, па исплашен од бескомпромисната македонска правда на повидок, одлучи дека поарно ќе му биде покрај Дунав отколку во затвор. И тука тој ја прави својата животна грешка, да мора преку бегство да признае вина и да помине 800 километри несвесен дека всушност не мора да мрдне ниту метар подалеку од комоцијата на својот дом за да ја избегне казната.
За волја на вистината, доколку останеше во државата постоеше опасност да биде уапсен, па пуштен, па уапсен, па ослободен, па уапсен, па пратен на гласање во Собрание, па пасошот да му се одземе па да му се врати оти сигурно овој доктор на науки ќе имаше во агендата некое академско усовршување, но веројатно и тоа е подобро од обврската да се брифираат унгарски дипломати низ тајни пештански станови. Каква мака!
Единствено понаивен од Груевски во проценките излезе неговиот поранешен партиски пајташ, екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески кому сега зад решетки конечно му текна дека јагнето што се жртвува е во изразот на огледалото.
И тука некаде завршуваат бајките за правниот бум во државата што се креваше од пепелта. Пресудите за Латас или за Елизабета Канческа Милевска, рехабилитацијата на главните пера на грозната пропаганда и нивните медиумски дувла, сега омилени арени на оваа власт, обѕирите кон мајката Јанкулоска и бизнис зделките на истите фирми што главно требаше да го вртат бројчаникот, сето ова е во иста линија со големата разочараност на граѓаните жедни за правда.
Ниту една реформа и ниту едно исполнето ветување нема да може да ја покрие неказнивоста. Ни растот на БДП, ни растот на извозот, ни најавениот економски бум, ни либерализацијата во законските стеги за граѓанските и женските права, ниту очигледното подобрување на медиумските слободи, ни чекорите во социјалната сфера, ниту лидерството во надворешната политика...
Изворот на македонската криза беше токму во најголемиот грабеж на народни пари, ама и на достоинство од оние кои сега како хиени демнат и чекаат да ја дораспарчат земјата што власта не успева ни да ја крене на нозе, ни да ја залечи во раната од каде крвари правдата. Без крај на системот на неказнивост, кризата не може да заврши.
Од друга страна, изворот на целата борба, лежеше во силната увереност дека дојден е крајот на неодговорноста и апашлукот грижливо негувани три децении.
Во која тоа фаза од устоличувањето во фотелјите власта се дрзна да помисли дека кога ќе нема правда ќе има мир за граѓанство што веќе е разбудено? Нема никакво оправдување, макар било и во форма на „големата слика“ за состојбата во македонското судство, за политичките игри без граници со главните криминалци и најважно за специјалниот пад на специјалните, избрани да бидат херои(ни)те на оваа невидена фарса.
Премиерот Зоран Заев по завршувањето на претседателските избори кажа дека пораката од граѓаните е примена и дека веднаш ќе преземе акција. И навистина, за некој месец како што вети тој и се фати за метлата, но овој успешен бизнисмен и единствен македонски политичар номиниран за Нобелова награда се покажа дека е мошне слаб во умешноста да чисти.
Со прераспределбата на ѓубрето од една во друга соба, само излегоа на површина сите дупки во темелите, од кои најстрашна не е онаа од каде ѕиркаат вмровските хиени што чекаат „нова сезона на лов“, (иако тоа би било една огромна трагедија, луѓе!) туку сепак онаа што ја отсликува бесмисленоста на постоењето на државата во суштина, исплакната од нејзината основна цел – да гарантира систем, одговорност и правда.