Прочитав добар текст во Капитал за извозно- увозната состојба на Северна Македонија. Fair enough пристап. Добар и издржан пристап кон бројките и обид за неутрален поглед на состојбите. Тој текст ме наведе да ја напишам оваа кратка анализа.
Од стратегиски аспект и било каков акционен план за развој, се плашам дека имаме проблем кој трае уште од самоуправниот систем. Ова не се однесува на текстов, а се однесува за општо-прифатениот академско-умствен пристап во државата , дека постојано нешто расте или нешто лошо, позитивно се намалува. Тоа е насекаде во вкупниот информационен систем.
Од политички аспект, тоа е разбирливо. Секоја програма зборува за раст, реформи, вработувања, обично до следниот мандат. Но, проблемот почнува кога тоа ќе треба да го испорачате. Тогаш политиката е приморана да ги користи сите официјални статистички податоци, па макар биле и misleading figures.
Во текстот и табелите во него добро е оставен простор и за читање меѓу редови за тие што знаат да читаат. На пример, бројките покажуваат дека 45% од извозот се создава во Зоните, кои објективно имаат практично екстериторијален статус. Освен бруто платите на македонските работници. Ако направите мала симулација од приложените табели и ги исклучите увозот и извозот од македонскиот биланс, ќе добиете сосема друга слика за состојбата на трговскиот биланс.
Мислам дека тоа е правилен и професионален пристап за да можете да направите концепт и стратегија што понатаму со оваа структурно технички банкротирана држава.
Бугарија, на пример, има трговски суфицит со Германија од 320 милиони евра и без учество на било какви екстериторијални зони.
Погрешно е мислењето дека сум против Зоните. Но, прашање е колку тие реално придонесуваат во реалниот раст на БДП на државата? Ако воопшто придонесуваат. Освен за намалувањето на лошото како во примерот со намалениот процент на невработеноста деновиве. Што практично може да ве одведе до misleading conclusion. Затоа што веќе не е прашање дали се намалува невработеноста, туку колку таа е структурно веќе употреблива во економијата. Процентот одамна не е важен. Затоа што не е реално употреблив. Освен за политичкиот диезепам испорачан на народот. Растеме и лошото го намалуваме.
За да немате погрешен заклучок, сосема е логично да го гледате реалниот процент на невработеноста, а тоа ви е процентот на невработеноста плус процентот на превработеноста надвор од Зоните. Верувам дека многумина набргу ќе се шокираат од се поизвесното барање на Зоните за увоз на работна сила. А заради погрешниот заклучок и перцепција, нема да знаете што да правите со неупотребливата структура на невработените. Можеби решението е нивно приклучување кон храбриот проект, “со еден ден работа, добивате пензија”. И онака од минатиот систем до денес ние произведуваме само слики на лажна Данска или Шведска како концепт и стратегија за оваа кикиритка држава.
Дали сум во право?
Нема поголема потврда за ова кажано погоре од една реченица од текстот во Капитал која вели:..само 5% од вкупниот број на компании надвор од Зоните произведуваат и извезуваат. Поразително и безнадежно.
Во целиот мој професионален живот повторував една реченица како папагал: малите земји мора да произведуваат и да извезуваат. Ако сакаат да се прехранат. Некои фирми ме послушаа и лесно се препознатливи денес.
Ви го препорачувам текстот објавен во Капитал. Суптилно ве упатува да читате меѓу редови.